EARTH PYRAMIDS (PILLARS) NEAR KUKLICA-KRATOVO BY IVICA MILEVSKI, PHD., PUBLISHED IN GEOGRAPHIC REVIEW NO. 35, SKOPJE 2000


 Објавено во списанието: Географски разгледи бр. 35, Скопје, 2000 година. Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија-ПМФ, Скопје.


Вовед
Фактори за настанување
Морфолошки одлики
Настанување-еволуција
Информации за трудот

ЗЕМЈАНИ ПИРАМИДИ ВО

КУКЛИЦА-КРАТОВСКО

Нови истражувања
Фото-галерија
Ваши коментари
Линкови
English 

 

ИЗВОД

 

Земјани пирамиди, како специфични релјефни форми, настанати со рецентна ерозија на тлото, во рамките на Република Македонија се јавуваат на неколку помали локалности. Посебно се изразени во сливот на р. Бошава кај Конопиште, во Малеш и Пијанец, по долината на Петрошница и др. Вакви појави, и тоа со типски карактеристики, се јавуваат и во месноста Куклица (кај истоименото село). Тие се интересни по својата морфологија, генеза и по димензиите што ги имаат.

 

Клучни зборови:  земјани пирамиди, земјани столбови, рецентна ерозија, денудација.

 

ABSTRACT

 

Earth bars (or Earth Pyramids) are specific landforms formed with process of recent soil erosion. In Republic of Macedonia is occurring in few little localities, especially in basin of stream Bosava near Konopiste, in Males and Pijanec, in Petrosnica valley and other places. Same phenomena with typical properties are finding in locality of Kuklica (near village with same name). Here are interesting with their morphology, genesis and dimensions. 

 

Key words:  earth pyramids, earth bars, recent erosion, denudation.

 

 

ВОВЕД

 

Долинските страни на Крива Река меѓу селата Кетеново и Шопско Рудари, (Кратовско), во геоморфолошки поглед се одликуваат со интензивна рецентна ерозија. Тоа е резултат на геолошкиот состав, големиот наклон на теренот, режимот на врнежите и нивното отекување и отсуството на постојана вегетациска покривка. Затоа релјефот во овој дел се карактеризира со разновидни форми на денудација, ерозија на тлото, плувијална ерозија и делови каде доминира акумулација на еродираниот материјал. Најинтересни појави, кои настанале со ерозија на тлото се земјаните пирамиди. Овде тие се јавуваат фрагментарно, во еден широк појас на десната (северната) долинска страна на Крива Река, во атарот на селото Куклица (Долна Куклица). Најдобро се изразени во месноста Кукле, 6 km низводно од мостот Кетеново (кај истоименото село, на автомобилскиот пат Страцин-Кратово), на површина од 0.3 km2. За појава на ваквите форми од големо значење се локалните природно-географски услови, но и антропогениот фактор кој со своето неповолно влијание врз природната средина овозможува развој на забрзана рецентна ерозија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сл. 1: Положба на земјаните пирамиди во месноста Кукле (со кругот е означено местото каде се јавуваат, а на десната страна е дел од патот Страцин-Кратово) Сл. 2: Скица на месноста Кукле со конфигурација на теренот

 

 

 ФАКТОРИ ЗА ПОЈАВА НА ЗЕМЈАНИ ПИРАМИДИ

 

За формирање на земјани пирамиди, потребни се одредени природно географски услови, кои во анализираниот простор, речиси идеално се застапени. Тоа всушност и овозможило изградување на типски форми. Од нив, во проучуваниот простор посебно значење имаат:

 

?       Геолошкиот состав на теренот,

?       Релјефните карактеристики на околниот простор,

?       Климатските особености а посебно плувиометрискиот и температурниот режим,

?       Хидролошки карактеристики и

?       Вегетациските карактеристи.

 

Теренот каде што се јавуваат земјаните пирамиди (а кој всушност представува еродиран дел од речна тераса на Крива Река), во геолошки поглед воглавно е изграден од карпи на Кратовско-злетовската вулканска област. Под површинската растресита покривка со дебелина помеѓу 0.2 и 0.5 m (која во најголем дел со ерозивни процеси е однесена), се протега слој на андензитски туфови. Нивниот состав и структура, укажуваат на таложење во водена средина (Група автори: ОГК, Толкувач за лист Кратово, 1969). Андензитските туфови лежат дискордантно преку горноеоценскиот флиш, имаат беличесто-жолтеникава боја и моќност од околу 20-30 m. Тие се доста трошни (еродибилни) и се подложни на спирање. Сепак, главен геолошки фактор што овозможил формирање на изразити земјани пирамиди, е слојот од покомпактни дацитско-андензитски ингибрити (лавичен слој), со моќност од само 0.3 m, кој лежи под туфовите од помлада вулканска фаза (дебелината им изнесува до 2 m). Под овој слој, повторно се протегаат андензитски туфови од постарите вулкански фази, а нивната моќност е околу 20 m. Ингибритите кога ќе се откријат на површината, поради подложноста на физичко распаѓање, напукнуваат и се кршат на помали или поголеми блокови. Овие блокови, за разлика од туфовите се многу поотпорни на спирање. Со тоа го ?штитат? и материјалот кој е под нив, односно за туфовите имаат улога на ?заштитна капа?.

Според тоа, доминантно учество во геолошката градба на теренот имаат андензитските туфови кои како вулканокластичен материјал се многу подложни на ерозиони процеси и чија моќност овозможила изградба на типски форми.

За појавата на земјаните пирамиди, од големо значење се релјефните карактеристики на околниот простор. Глобално земено релјефот е доста расчленет. На север, се издига ридот Дубица висок 776 m. Паралелно со него, источно и западно се протегаат ридовите Калуѓерица, 791 m и Видим, 825 m, кои меѓу себе се одделени со длабоки долови што водат кон коритото на Крива Река, така што наклоните на нивните страни се многу големи (30-55о). Затоа, се јавува интензивен процес на спирање и оголување на карпестите маси (т.е. денудација). На места каде карпестата маса (главно од андензитски карактер) е сосема откриена, се интензивира физичко распаѓање на нејзината површина, по која се изградуваат разновидни микроформи (вдлабнатини, браздички, чашки, стапалки итн.). Со постепена еволуција на релјефот, се формирале помали и поголеми остенци, отсеци, точила, ?ртови итн. Кон југ ридските страни преку 3 изразити речни тераси (на 5 m, 30 m, 60-70 m) се спуштаат до коритото на Крива Река кое е на надморска височина од 390 m. Делот каде се јавуваат земјаните пирамиди има главно јужна експозиција и е широко изложен на директно сончево зрачење, што влијае врз интензитетот на физичкото распаѓање на карпите, посебно на дацито-андензитските игнимбрити.

Самите пирамиди се изградени во десната пониска речна тераса (30 m), на јужната падина од ридот Дубица. Тие се на надморска височина од 415-420 m, од коритото на Крива Река оддалечени 150 m. Бидејки јужните падини на Дубица се со големи наклони и со сиромашна вегетација, за време на врнежи се формираат водени млазеви кои имаат голема ерозивна енергија и кои преку изразеното спирање имале и сеуште имаат голема улога во формирање на пирамидите.

Климата е исто така значаен фактор за формирање на земјаните пирамиди. Тоа се однесува пред с? на плувиометрискиот режим, а во одредена мерка и на температурниот режим на областа. Бидејќи во непосредна близина не постои метеоролошка ниту дождомерна станица, при анализа на климатските услови ќе се користат податоците од метеоролошката станица во Кратово која од областа е одалечена 15 km. Просечната годишна температура на воздухот за период 1951- 1980 година изнесува 11,4оC. (Лазаревски, 1993). Ваквата средна температура представува премин меѓу средната температура на Куманово (11,8оC) и Крива Паланка (10,2оC). Посебно значајни се дневните и годишните температурни амплитуди. Во зимскиот период дневните температурни амплитуди се над 20оC. Апсолутно минимална температура за споменатиот 30 годишен период изнесува -20,0оC, додека апсолутно максималната 39,4оC или апсолутната температурна амплитуда е 59,4оC. Тоа мошне поволно се одразува врз распаѓање и разорување на карпите (посебно кога станува збор за игнимбритите, кои имаат улога на заштитна капа). Што се однесува до врнежите, просечно годишно (за мерната станица во Кратово) паѓаат 708 mm. Врнежите не се рамномерно распоредени и најголеми вредности имаат во пролетните месеци. Токму тие се и од посебно значење за формирање на земјаните пирамиди. Во овој период, особено во месеците мај и јуни, може да се јават интензивни краткотрајни врнежи кои имаат голем ерозивен ефект врз оголената подлога. За време на вакви поројни врнежи, изградувањето на пирамидите е најизразено (пропорционално со количество на врнежи за еден час).

 

Табела бр. 1: Просечна месечни и годишни температури и суми на врнежи во мм за мерна станица Кратово (период 1951-1980 год.), според А. Лазаревски, 1993

 

 

I

II

III

IV

V

VI

VII

VIII

IX

X

XI

XII

год.

tо

mm

0.4

63,3

2.7

59,0

6.0

38,5

10.6

57,7

15.4

84,9

18.9

66,1

21.2

60,8

21.7

35,1

17.4

43,4

12.3

65,0

7.4

69,6

2.6

65,0

11.4

708,4 

 

Изнесените податоци, поради малата оддалеченост на истражуваниот простор од мерната станица во Кратово, може да се сметаат за репрезентативни.

Единствен постојан хидрографски објект во непосредната околина е Крива Река. Кон неа, во врнежлив период се сливаат водите од два буични тека кои се спуштаат од јужните страни на ридот Дубица. Поради геолошкиот состав на теренот и сиромашната вегетациска покривка, атмосверските води главно отекуваат површински и при тоа вршат голема ерозивна работа. Еродираниот материјал во најголем дел се внесува во Крива Река, или близу вливовите на буичните текови во неа, каде се формирани помали плавини. На тој начин, поради засипување со наносен материјал, десниот брег на Крива Река во овој дел постепено се поместува во јужен правец, односно се издига.

Вегетациските карактеристики се многу значајни за интензитетот на ерозија, а со тоа и појава на земјани пирамиди. Растителниот свет, посебно дрвенестите растенија претставуваат лимитирачки фактор во развојот на забрзана рецентна ерозија. Но овде, најголем дел од теренот е под ретка (повремена) тревна покривка, а дрвенести растенија се ретка појава, претставени со ниски жбунести дрвја Дел од теренот со поголеми наклони е сосема оголен, односно андензитските туфови се откриени на површината, што овозможува несметано дејство на атмосферските води кои преку интензивно спирање ја еродираат подлогата.

Од претходно изнесеното, може да се констатира дека врз формирањето на земјаните пирамиди во областа, големо значење имаат природно-географските фактори. Но многу значајна улога имал и човекот. Тој индиректно, преку вековното уништување на природната вегетација влијаел врз интензивирање на рецентна ерозија и појава на ерозиони форми не само во месноста Кукле туку и во поширокиот простор (по десната долинска страна на реката од село Кетеново па скоро до село Бељаковце).

 

 

МОРФОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

 

Како што беше истакнато, најизразени земјани пирамиди се наоѓаат во месноста Кукле која представува еродиран дел од речна тераса на Крива Река со височина од 30 m. Раширени се на простор од околу 0,3 km2. Од источната и западната страна на еродираната депресија, заостанале два ниски гребени со меридијански правец и должина од околу 150 m, ширината 20-35 m, а висината 15-25 m. Источниот гребен, селаните го нарекуваат ?Забел? (сл. 3). Неговите страни се многу стрмни со наклон од 30-60о. На југ тоа постепено се спушта кон коритото на Крива Река. Неговата источна страна е ?разорена? од мал повремен водотек кој во врнежлив период има буичен карактер.

Земјаните пирамиди се наоѓаат од двете страни на Забел, по рамките на малата депресија меѓу двата гребена, како и по нејзиното зарамнето дно. Но во морфолошки поглед постојат разлики меѓу пирамидите, а тоа нешто е во врска и со нивната генеза и еволуција. Од тој аспект, условно можат да се издвојат:

 

A.     Земјани пирамиди-како форми со помали димензии;

B.     Земјани столбови.

 

Првите се јавуваат по бочните страни на возвишението Забел, како и по северната рамка на малата депресија. Тие се густо распоредени, па основите често им се споени поради акумулација на материјалот еродиран од нив или повисокиот дел. Димензиите им се мали - високи се 2 - 4 m, а пречникот им е до 0.5 m. Доста се интересни бидејки имаат форми што потсетуваат на човечки фигури, фигури на животни и др. Најдобро се развиени оние што се наоѓаат во подножјето на страните од Забел, додека повисоките (кон гребенот на возвишението) сеуште не се дооформени.

Поради големиот интензитет на рецентна ерозија, подолните пирамиди постојано се засипуваат со еродираниот материјал од  повисоките, нивната височина се намалува, со што тие постепено го губат типскиот облик. Бидејки наклонот на теренот е многу голем, ерозивниот ефект е силно изразен, така што во средишниот дел, гребенот од возвишението е сосема разорен, па земјаните пирамиди од двете стра?ни скоро се составуваат (види сл. 3).

За интензитетот на ерозија од големо значење е и повремениот речен тек кој минува покрај источната страна на Забел (Дубица). Неговото (главно вертикално) всекување во топографската површина и усогласување на надолжниот профил со долната ерозивна база (коритото на Крива Река), го иницирало и почетокот на изградување на пирамидите во овој дел. Заради буичниот карактер на водотекот, голем дел од материјалот што се еродира од Забел (а со тоа и од пирамидите), не останува во подножјето, туку се транспортира кон коритото на Крива Река. Со тоа апланација на теренот овде е успорена, а тоа повратно влијае врз постојаниот интензитет на ерозија. Специфичната морфологија на теренот во овој дел, условила и појави на ?псевдокарст? како мали поткапини (каверни), форми кои потсетуваат на пештерски завеси, шкрапи и др. Поткапините се во врска со создавањето на земјаните пирамиди односно се јавуваат како резултат од сеуште непотполно разорената тенка карпеста кора во повлатата (таваницата), меѓу зачетоците на пирамидите. Со постепено оформување на пирамидите, поткапините исчезнуваат од релјефот.

Заедничко за сите земјани пирамиди од оваа група е што се наоѓаат на оголени страни со многу голем наклон, па како специфични релјефни форми, тие се подложни на постојано морфолошко модифицирање. Извршените мерења и анализи, укажуваат дека топографската површина на просторот (и на пирамидите) се еродира годишно за 0.7-1.5 mm, што значи дека изградените форми со просечна големина потполно би се еродирале за неколку стотици години, а целиот гребен (односно средишниот дел од Забел), под претпоставка на константни климатски услови за околу 10.000 години.

?Земјаните столбови? се издигаат од дното на малата кружна ерозивна депресија. Тие имаат поголеми димензии - високи се 4-10 m, а обемот при базата достига и до 5 m. Од нив четири имаат височина над 6 m, а останатите се пониски. Ваквите димензии укажуваат на интензитетот на рецентната ерозија, како и на висината на иници?јал?ната топографска површина т.е. на речната тераса. И столбовите имаат интересни форми (личат на фигури од животни или луге, сл. 2). Затоа, месното население на одделните форми им дало различни имиња, а целата појава ја нарекло ,,Весела свадба,,. Карактеристичниот изглед на столбовите главно е резултат на селективната ерозија, како и на физичкото распаѓање и разорување на површинските делови од туфовите кои што ги градат. Во однос на претходните, овој тип на земјани пирамиди се многу постари и поотпорни на морфолошки модификации. Земајќи го за основа рецентниот интензитет на ерозија, може да се пресмета дека за настанување на столбовите бил потребен период од околу 5.000 до 10.000 години. Тие започнале да се изградуваат кога речното корито од Крива Река се спуштило (и се стабилизирало) на височина од најниската тераса (на 5 m) т.е. кон крајот на плеистоценот. Тогаш, повисоката речна тераса (денес на 30 m) во која се изградени столбовите, веќе била оформена, а спирањето на нејзините стрмни страни дошло до полн израз. Значи формите во никој случај не се постари од 20.000 до 30.000 години.

Според тоа, сосема погрешни се одредени тврдења дека формите се стари 10 милиони години, бидејќи во тој временски период сеуште се натрупувал вулканокластичниот материјал (во плитководна-езерска средина) потребен за нивно изградување, а долината на Крива Река не ни постоела во денешната смисла (овде и на подрачјето од Кумановската Котлина егзистирало плиоцено езеро). Изградувањето на столбовите, се одвивало регресивно, односно процесот започнал од отсекот на некогашната речна тераса свртен кон реката, па наназад кон ридот Дубица (слично на помалите земјани пирамиди на источната страна од Забел). Така, произлегува дека најстари се формите поблиску до речното корито. Поради напреднатиот ерозивен процес, дното на малата кружна ерозивна депресија каде се јавуваат земјаните столбови, денес е зарамнето и покриено со ниска тревна вегетација. Парчињата и блоковите што некогаш биле на врвовите и имале улога на заштитна капа, или се раздробиле поради физичко распаѓање, или пак се сурнале поради истенчување на базисот под нив. Затоа како морфолошко обележје веќе не се карактеристични. Би требало да се очекува, по распаѓањето, односно уривањето на заштитната капа, да дојде до брза деструкција на столбовите и за краток временски период од нив да заостанат ниски и правилни купести возвишенија. Сепак, формираната ?цементна? коричка од поцврсто врзани туфови настаната со долготрајни атмосверски влијанија, ваквиот процес значително го успорува, па столбовите се доста отпорни на морфолошки модификации. Денес ерозивното влијание е поместено кон северната рамка на депресијата (регресивно се поместува по заостанатиот нееродиран отсек од речната тераса).

 

 

 

НАСТАНУВАЊЕ НА ЗЕМЈАНИТЕ ПИРАМИДИ

 

За постанокот на овие специфични релјефни форми од големо значење се речиси сите природно географски фактори: геолошкиот состав, наклонот на теренот, околниот релјеф, климата, хидрографијата, растителниот свет, а често и влијанието на антропогениот фактор, односно човекот. Не може со сигурност да се претпостави, дали причината за почеток на интензивна ерозија на тлото и изградување на земјани пирамиди е чисто од природно потекло (сплет на геолошки, геоморфолошки, климатски и хидролошки карактеристики), или пак врз тоа влијаела природната (па можеби и антропогена) деградација на растителниот свет. Со разните испитувања што се вршени, се покажало дека природната вегетација (посебно шумската) значително го намалува ерозиониот ефект, во некои случаи и до 1.000 пати (Лазаревић, 1975). Како и да е, сите фактори во месноста Кукле, мошне погодувале за активирање на процесот на интензивна рецентна ерозија и формирање на различни релјефни форми во овој простор.

Со интензивно спирање, кое е најизразено на отсекот од речната тераса, се однесува растреситиот слој и се еродираат туфовите од помладата вулканска фаза, а на површината се откриваат вулкански карпи - дацито-андензитски игнимбрити, чија дебелина изнесува до 0.3 m. Овие карпи иако се отпорни на спирање, се доста крути и кршливи т.е. подложни на физичко распаѓање. Така карпестата маса се раскршува, и од неа се издвојуваат поголем број на блокови. Помеѓу блоковите (најкомпактните и најотпорните), длабинската ерозија брзо напредува така што се создаваат длабоки бразди. Бидејќи туфовите непосредно под блоковите се заштитени од спирање, тие заостануваат во вид на висок конус. Така, во релјефот се издвојуваат помали или поголеми земјани пирамиди.

Како што беше спомнато, во генетски поглед, многу постари се земјаните столбови кои се наоѓаат во средишниот дел од ерозивната депресија. За нивно формирање, од големо значење било интензивното спирање што го вршеле атмосферските води кои се спуштале по јужната страна на ридот Дубица, преку речната тераса каде се изградени истите. Поради поголемата моќност на вулканските туфови, како и големото ерозивно дејство на атмосферските води, овде дел од некогашната речна тераса речиси потполно е еродиран и се формирала малата депресија, а во релјефот заостанале неколку огромни пирамиди (другите се уништени со деструкцијата на нивната заштитна капа уште во фазата на формирање, или со поткопување на основата од страна на малиот речен тек по дното на депресијата). Денес, поради апланација на теренот, но и поради пробивање до горноеоцените седименти, дното од депресијата е зарамнето, а плитката издан, условила појава на бујна тревна вегетација. За да се претпостави натамошниот еволутивен развој на земјаните пирамиди (и воопшто, на проучуваниот простор), при стабилни природни услови (посебно климатски), треба да се истакнат неколку битни моменти:

Соодветен геолошки состав е еден од главните предуслови за создавање на земјаните пирамиди. Овде постои речиси идеална комбинација на геолошки фактори: вулкански туфови со моќност доволна да се формираат типски облици, како и тенок слој на вулканити (игнимбрити) кои во горниот дел ги покриваат туфовите. Оддалечувајќи се од месноста Кукле, геолошкиот состав се менува, па на површината се појавува вулканска бреча и слој од андензити. Во таква средина не може да се изградат земјани пирамиди.

Втор значаен лимитирачки фактор е релјефот, а посебно наклоните на топографската површина. За формирање на земјани пирамиди најпогодни се помали наклони на поцврстиот карпест слој од кој ќе се издвојуваат заштитните капи. Во овој случај наклонот на слојот од игнимбритите, на просторот од речната тераса е мал. Но кон север (кон јужната страна на ридот Дубица), тој е многу поголем, па во тој правец не може да се очекува да продолжи формирањето на пирамидите.

Секако и вегетацијата е лимитирачки фактор, но на овие простори тој факт нема некое значење, бидејќи целиот простор е ?монотон? т.е. нема подрачја со шумска вегетација (освен ако не се земе во предвид можноста за антропогено пошумување).

Значи при понатамошна ?стабилност? на природните услови (геолошки, климатски, вегетациски), а поради наведените лимитирачки фактори, може да се очекува типски земјани пирамиди да се формираат само по рамката на депресијата, а посебно по бочните страни на возвишението Забел. Тука се присутни сите споменати неопходни предуслови. Паралелно со изградување на пирамидите, ќе се засилува и акумулација на еродираниот материјал од непосредната околина, но и од јужните падини на ридот Дубица. Постепено со апланација на теренот, ерозивната работа ќе се намалува, а со тоа и формирањето на земјани пирамиди. Поради специфичните карактеристики на позадинскиот простор, во подалечна перспектива пирамидите делумно ке бидат еродирани, а делумно засипани со еродираниот материјал од повисоките ридски страни. Така овие специфични микроформи постепено ке исчезнат од релјефот. Во случај на реализација на планираното поголемо вештачко езеро ?Вакуф?, земјаните пирамиди ќе бидат потопени а за краток временски период би дошло до нивно распаѓање, засипување и покривање со наносен материјал. Затоа, во последно време во медиумите се покренува иницијатива за заштита на локалитетот, кој што всушност претставува природна реткост.

 

Сл. 3:  Формирање на земјаните пирамиди од западната страна на Забел. Во преден план е малата кружна депресија со земјени столбови наречени ?сватови?.

 

Сл. 4: Земјани пирамиди на

источната страна

на Забел

 

 

 

Сл. 5: Земјан столб со интересна форма. Во позадината е нееродираниот дел од речната тераса, каде процесот на активно изградување на земјани пирамиди сеуште трае.

 

 

Сл. 6:  Шема на постанок на земјаните столбови, од иницијална фаза до денес (испрекината линија го означува слојот на ингибритите).

 

Сл. 7: Компјутерска шема на еволуцијата на земјаните пирамиди (просторот е прикажан без позадинскиот релјеф).

1. Месноста Кукле пред појава на формите;

2. Создавање на Земјаните столбови;

3. Денешен изглед на просторот;

4. Понатамошна еволуција.

 

 

 

ЗАКЛУЧОК

 

Земјаните пирамиди, како специфични релјефни форми, на територија на Република Македонија ретко се јавуваат. Според досегашните сознанија, тие се среќаваат во Мариовскиот крај и сливот на реката Бошава, во сливот на реката Петрошница (Козјачија), делови на Овче Поле, Малеш и Пијанец и др. Во светски рамки, најдобро се изразени во областа Кападокија, во средна Турција, каде се присутни на голем простор (неколку стотици km2, имаат најразлични форми и димензии).

Во месноста Куклица, на мал простор се јавуваат типски форми. Воглавном настануваат како резултат на забрзана рецентна ерозија, предизвикана со неповолниот однос на човекот кон природната средина, а пред се со уништување на шумската вегетација.

Изградувањето на земјаните пирамиди во месноста Кукле интензивно се одвива и денес. Тоа е посебно изразено на стрмните нееродирани страни од речната тераса, каде се забележуваат млади изданоци во фаза на формирање. За тоа нешто погодуваат природно-географските  фактори. Човекот од своја страна, во овие простори досега не превзел мерки за заштита од негативниот ефект што го предизвикува забрзаната ерозија иако се повеќе станува свесен за разорното дејство на истата.  

 

 

ЛИТЕРАТУРА:

 

 

Андоновски Т. (1974): Ерозија на почвата во југоисточниот дел на Скопска Црна Гора, Географски разгледи кн.12

Лазаревић Р. (1972): Рецентна ерозија и методи за утврђивање продукције и транспорта наноса -Београд

Лазаревић Р. (1975): Интензитет водне ерозије, Географски преглед Сарајево

Лазаревић Р. (1975): Геоморфологија, Београд

Лазаревски А. (1993), Климата во Македонија, Скопје

Христов С., Карајовановиќ М., (1969):  Основна геолошка карта 1:100 000, Толкувач за  лист Кратово К 34 - 69 Белград

Извештај (ракопис) од геолошката анализа на примероци на карпи од месноста Кукле, работени во Геолошкиот завод 1996.

 

 

EARTH PYRAMIDS IN KUKLICA - NEAR KRATOVO

Ivica Milevski

 

Summary

 

Earth pyramids (pillars) are specific landforms, phenomenon occurring in only few places in Republic of Macedonia. According to our knowledge, these landforms are present in Mariovo and Bosava catchment, in Petrosnica catchment (Kozjacija), parts of Ovce Pole, Males and Pijanec and others. Around the World, the biggest site is in locality of Cappadocia, medieval Turkey, at area of some hundred km2. In locality of Kuklica, typical forms on smaller area exist. Their origin is result of accelerated soil erosion due to the negative relation of man to the natural environment, especially of deforestation. Formation of earth bars in locality of Kukle is active in present, especially on slopes of Zabel, were young forms in phases of creating are evident. In same time, erosion takes intensity in new areas around Kukle. This is result of natural-geographic factors. In other side, Man does not take care for protection of space, despite all negativities.


ИНФОРМАЦИИ ЗА ТРУДОТ

Трудот ?Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско? е резултат на долгогодишни истражувања на авторот на оваа појава. Првичните информации за постоење на некакви интересни ?кукли? се добиени од локалните жители уште во 1994 година. Со истражувања е започнато следната, 1995 година и тоа првин со неколку посети на локалноста, фотографирање, мерење на формите и земање на примероци од карпите во областа заради нивна анализа. Во периодот 1996-1998 година се изведени уште неколку теренски истражувања при што е обрнато внимание на интензитетот на ерозивните процеси во локалноста, брзината на создавање и на уништување на куклите. Во периодот 1997-1999 година се вршени кабинетски анализи, компјутерски симулации и сл., за да се види како би влијаеле можните промени на средината врз морфологијата на земјените пирамиди. Трудот во презентираната форма е завршен во 1999 година. Сите наведени истражувања со околу 20 теренски анализи на локалитетот се изведени со сопствено финансирање. По објавувањето на трудот, во 2000 година, истражувањата продолжија главно во правец на се поголемата опасност од загрозување на локалитетот со избрзани и несоодветни антропогени зафати. Последните мерења со современа ГПС опрема се изведени во 2008 година, а краток извод од резултатите е претставен во делот НОВИ ИСТРАЖУВАЊА.

НАПОМЕНА:

Трудот ?Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско? е прв и оригинален научен труд во кој се претставени геоморфолошките истражувања на појавата во локалитетот Куклица. Во последно време, за различни цели и од различни побуди, несоодветно се преземаат содржини од трудот и во разни форми се вградуваат во презентации, интернет страници, па дури и во законски документи како што е Законот за прогласување на локалитетот Куклица за споменик на природата. Со тоа се губи интегралноста и комплексноста на претставените сознанија кои се само мал дел од богатиот фонд на податоци што ги поседува авторот. Воедно, на таков начин се деградира и девалвира научната работа во Република Македонија и се намалува интересот за научна афирмација на богатото природно наследство на нашата држава. Затоа би било многу поцелисходно во такви случаи да се консултира и контактира директно со авторот. Потсетуваме дека секое користење на трудот за комерцијални потреби, несоодветно и без цитирање, е казниво според Законот за авторски права.    

Трудот треба да се цитира како: Милевски И. (2000): Земјани пирамиди во Куклица-Кратовско, Географски разгледи кн. 35, Скопје, стр. 13-28

 

 

Број на посетители:

Best Free Hit Counters
Anime MySpace Layouts
Anime MySpace Layouts